Агелер: Тимот за санкции од Вашингтон е тука, никој не е над законот

Амбасадорката на САД Анџела Агелер, на својот Твитер профил објави дека тим за санкции од Вашингтон е пристигнат во земјава за поагресивно истражување на корумпирани функционери.

„Тимот за санкции од Вашингтон е тука за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот“ се вели во објавата на Агелер на нејзиниот профил на социјалната мрежа Твитер.

Ова не е првпат во контекст на корупцијата амбасадорката на САД, Агелер, да изнесува остри ставови за состојбите во земјава. Пред неколку дена, на 2 декември, по повод одбележувањето на јубилејната 30-годишнина од партнерството на УСАИД со Македонија, во своето обраќање таа ја истакна важноста од намалување на корупцијата.

Advertisements

„Сега повеќе се фокусираме на вашето лидерство и инвестирање во три клучни области: подобрување на економската продуктивност, поттикнување на младите да преземат активна улога во иднината на земјата и намалување на корупцијата. Последново – намалувањето на корупцијата – е важно затоа што корупцијата во која било форма ја оневозможува оваа земја да напредува во економска, социјална, образовна и структурна смисла, за кои знаеме дека може и треба да продолжи да ги постигнува. Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство“, порача амбасадорката Агелер.

Од остри критики амбасадорката Агелер не се воздржа и при изборот на Ислам Абази за шеф Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, чин што го оцени како збунувачки.

„Ние, во Амбасадата на САД, секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем“, одговори амбасадорката на САД, на прашање на „360 степени“.