Лидерот на ДУИ Али Ахмети повика да се отвори истрага за сите функционери на партијата, а не само за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кој е ставен на црната листа на САД.
Тој оваа изјава ја даде за ТВ 21 откако гласаше на внатрепартиските избори во Кичево.
„Мерко мора да биде под истрага и апсолутно тој не се противи на ваквата постапка, бидејќи тој самиот е изгласан во генералниот совет и во претседателството на ДУИ. Да се отвори истрага, за целокупната активност на Демократската унија за интеграција, од 2002 година досега. Не може да станеме обвинители и истражители и да одговараме на секоја клевета, ниту да работиме на откривање на вистината, тоа им припаѓа на органите на правдата. Ние цврсто стоиме на ова мислење да се отвори истрага за целокупното делување на ДУИ, за сите функционери, почнувајќи од мене. Господинот Мерко не избегнува да се соочи со истрагата и бараме што поскоро да се открие целата вистина“, изјави Ахмети за ТВ21.