„Ако сме им товар нека не иселат од земјава, со 12.000 денари не се живее“ – пензионерите на масовен протест во Скопје

На 7 ноември ќе се одржи масовен протест на пензионерите од цела Македонија во Скопје. Ова е одлуката од Координативната средба на претставниците од сите Иницијативни одбори од државава која се одржа во Свети Николе, јави ТВ Алфа.

Тие велат дека со пензии од по 12.000 денари кои не стасуваат за лекови, за огрев и за комунални сметки не се живее, а камоли во таа пресметка да влезе трошокот за храна – за облека и обувки веќе никој не зборува.

Пензионерите, Пренесува Тв Алфа, велат дека овој пат целта им е со сета неправда што им се случува да ги запознаат и амабасадите во земјава, и ЕУ, најмногу заради пристисоците што ги трпеле секојдневно и кои станувале се’ пожестоки.

Advertisements

Чувствувајќи се како граѓани од втор ред, небаре биле само бескорисен товар за сопствената држава, иако цел свој живот го вложиле во неа, македонските пензионери велат дека можеби најдобро би било власта да ги исели, бидејќи со 12.000 денари не можат да преживеат.

Пензионерските протести започнаа во Прилеп на почетокот од август, по што се проширија низ целата земја.

Тие на почетокот бараа линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари но поради поскапувањата оваа сума се зголеми на 5.000 денари.  Последната пензија на пензионерите им беше зголемена за само 5,2 проценти, иако првично им беа најавени околу 7 проценти покачување, што уште повеќе го зголеми нивниот револт.

Освен секојдневните локални, досега се одржаа и два големи протести во Скопје.