„Алчноста по пари ги убива нашите деца“ – професорот Горан Марковски за незаконското работење на дискотеката во Кочани

Професорот и декан на Градежниот факултет Горан Марковски во Аргумент плус на ТВ 24 рече дека доколку се почитувал законот немало да има пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Како прво на толкав број луѓе не може да има само една врата за излез.

„Кога првпат ги видов снимките не верував дека е објект кој е поврзан со место за забава, за мене тоа не личи на сериозен објект. Тој е супстандарден објект кој се покажа дека се работи за дискотека во која прерано загинаа млади. Скоро е јасно дека ако надворешноста е таква тогаш внатрешноста е полоша и се покажа тоа со ширењето на огнот. Овој објект е далеку од местсо за забава и собирање на луѓе. Ако се почитувал законот немало да има пожар. И да се случел пожар ако биле почитувани сите мерки далеку од ова дека ќе имавме ваков биланс. Колку што говорат информациите овде од правилникот за заштита од пожари нема испочитувано ништо“, рече Марковски и додава дека профитот и алчноста по пари ги убива сите луѓе.

Advertisements

„За да се спасат луѓето треба да има дојавувачи на пожар. Треба нешто да ги алармира. Голем дел не сфатиле дека станува збор за нешто сериозно и тоа предизвикало дополнителна паника. Денес не постои објект кој нема автоматски прскалки прскаат со вода и почнуваат да го намалуваат интензитетот на пожарот. Потоа исклучување на елктрична енергија. Слушнав дека дел починале од струен удар. Секторско делење на просторот. Врати за евакуација. На толку голем број луѓе со една врата тоа е врата на пеколот. Тука настанува стампедо. Кој не знае и не бил не знае каква паника имало. Прозорците блокирани. Алчноста по пари ги убива нашите деца, се испреврте се, парите станаа единствена водилка. Треба сите да ја прочитаме „Парите се отепувачка“, бидејќи таму е објаснето до што води алчноста за парите“, додаде Марковски.