Алиу: Сомнителни операции во приватните болници, странски експерти утврдија неправилности кај девет пациенти

Министерот за здравство Азир Алиу денеска ги презентираше резултатите од извештајот на странската комисија, која вршеше ревизија на сомнежите за можни непотребни кардиолошки и кардиохируршки интервенции во приватните болници.

Процесот на анализа започна откако кардиологот Сашко Кедев јавно алармираше за евентуални неправилности при третманите на пациентите, со цел остварување профит.

Според министерот Алиу, странските експерти анализирале вкупно 13 предмети за кои постоел сомнеж. Од нив, само кај четири случаи е утврдено дека процедурите биле во рамките на стандардите.

„Од вкупно анализирани 13 предмети, поврзани со сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција, странската комисија кај четири пациенти констатираше дека обезбедениот третман во целина бил медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса“, изјави Алиу.

Сепак, за преостанатите девет случаи, наодите на експертите укажуваат на сериозни несогласувања во медицинската документација и дијагностиката.

„Кај останатите девет пациенти, според странските експерти, документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, на пример несогласување меѓу ангиографски наоди од коронарографијата и писмениот извештај, по што следувала несоодветна индикација за процедурите, било ендоваскуларни или хируршки“, посочи министерот Алиу.

Advertisements