Амбасадата на Русија во Македонија реагира на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи за Радио слободна Европа дека „третиот фактор“ заинтересиран за конфликти во регионот на Западен Балкан, вклучително и меѓу Македонија и Бугарија, е Руската федерација.
„Обрнавме внимание на изјавата на министерот за надворешни работи на РСМ г-дин Б.Османи во интервју за Радио Слободна Европа на 29 јануари дека „третиот фактор“ заинтересиран за конфликти во регионот на Западен Балкан, вклучително и меѓу Северна Македонија и Бугарија, е Руската Федерација. Убедени сме дека нема основа за такви тврдења, а камоли докази, како што беше случај повеќе пати. Напротив, придонесот на нашата земја во решавањето на конфликтите на Балканот во изминатите многу децении, вклучувајќи во Босна и Херцеговина и во српската автономна покраина Косово и Метохија, не може да се прецени“ се вели во соопштението од руската Амбасада.
Во реакцијата се додава дека Амбасадата на Русија „секогаш постапува во согласност со меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на ОН.
„Заинтересирани сме за просперитет и мирен соживот на сите земји од регионот без исклучок, со чии народи имаме вековни пријателски врски. Апсолутно никаков темел немаат ниту обвинувањата што се шират во низа медиуми за наводно „мешање“ на Русија во внатрешните работи на РСМ и нејзините односи со другите земји, а тоа им е добро познато на сите непристрасни набљудувачи и експерти’, се вели во соопштението на Амбасадата на Русија во Скопје.