Основниот суд-Тетово му определи притвор на 43-годишниот анестезиолог од тетовската болница во траење од осум дена поради објавени снимки од пациенти на ТикТок.
Пред да биде определен притворот, Основното јавно обвинителство во Тетово поведе постапка против обвинетиот за кривични дела „несовесно работење во службата“, како и „неовластено снимање“ според чл.152 ст.2 од Кривичниот законик.
Случајот во полиција го пријавил директор на болницата Плумб Вела кој заедно со министерот за здравство Фатмир Меџити информираа дека анестезиологот е суспендиран од работа.
Министерот побара и трајно да му се одземе лиценцата за работа, бидејќи како што рече, здравствените работници се срамат од ваквото однесување на анестезиологот.
Лекарската комора го осуди инцидентот, останува по празниците да се дознае дали ќе биде поведена постапка за одземање на лиценцата.
Осомничениот анестезиолог на социјалната мрежа ТикТок се вклучил во живо од одделот за гинекологија. Ги снимаше пациентките, но и персоналот, а тие не беа свесни дека тој во живо ја пренесувал атмосферата.
Случајот, кај директорот на тетовската болница го пријавил новинар. Откако директорот пријавил во полиција,анестезиологот беше приведен во тетовското село Одри, каде што и живеел.