Двојно повеќе граѓани би гласале за опозициската ВМРО-ДПМНЕ на наредните парламентарни избори, а исто така двојно поголем е рејтиног на Христијан Мицкоски во однос на премиерот Димитар Ковачевски, покажува анкета на МаркетВижн спроведена меѓу 5 и 16 јуни, пренесува МКД.
Анкетата на „Маркет вижн“ била спроведена со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници со ниво на статистичка грешка од 3% и интервал на доверба од 95%.
Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.
Во анкетата 43 отсто од гласачите одговориле дека нема да гласаат, дека не знаат за кого ќе гласаат или дека ќе го поништат ливчето.
Од оние кои ќе гласаат, најголема поддршка има ВМРО-ДПМНЕ со 22 отсто, потоа е СДСМ со 11,5 отсто, ДУИ со 9,2 отсто, Левица со 5 отсто, Алијанса за Албанците со 3,5 отсто, БЕСА со 2,6 отсто, Алтернатива со 0,7 отсто и други.
Речиси две третини од гласачите немаат доверба во ниту еден партиски лидер. Од оние кои се изјасниле 12 отсто имаат доверба во Христијан Мицкоски, 6,1 отсто во Димитар Ковачевски, Али Ахмети ужива доверба од 5,9 отсто, Димитар Апасиев од 3,7 отсто. Меѓу другите кандидати, поранешниот премиер Никола Груевски ужива доверба од 2,9 отсто.
Половина од испитаниците или 51,9% сметаат дека формирање на коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би било добро за Македонија, додека само 30,7% веруваат дека истата би можела да функционира успешно.
За гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, најмалку прифатлива опција е коалицијата на нивната партија со ДУИ, при што дури 70,7% се изјасниле против оваа можност.