Антикорупциска комисија (ДКСК) поради сомнежи за несовесно работење, искористување на службената положба и овластувања и поткуп во случајот со бензинска станица на Пуцко Петрол во населбата Карпош, ќе достави иницијатива до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против сите кои учествувале во постапката за носење на детален урбанистички план спротивно на Генералниот урбанистички план на Град Скопје.
До Министерство за локална самоуправа ќе биде доставена претставка за понатамошно постапување и распуштање на Советот на Општина Карпош, согласно со чл. 75 ст. 1 т. 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр. 5/02).
За останатите сознанија на ДКСК кои упатуваат на сомнежи за прикриена инвестициска активност на деловна банка преку комерцијален деловен субјект – трговско друштво, како и сомнежи за неусогласеност со даночната регулатива, ќе се достават претставки до надлежните државни органи и институции.
Предметот од 22.03.2022 година е оформен врз основа на поднесена пријава од непознат подносител, по електронски пат.
Во пријавата било истакнато дека, овој ДУП не бил во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, дека истиот овој ДУП еднаш бил укинат со одлука на Уставен суд на РСМ, дека плацот бил предвиден за градба на други објекти за друга намена, дека не можело да се врши пренамена на плацот во бензинска станица, дека земјиштето билo продадено на Пуцко Петрол ДООЕЛ Општина Пласница, кој не добил одобрение за градење во законски предвидениот рок.