Софка Пејовска Дојчиновска од Државната комисија за спречување на корупција во емисија на ТВ 24 рече дека имаат доказ дека ја испратиле преставката до Судскиот совет за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, откако претходно судиите реагираа дека паушални биле тврдењата дека преставката се загубила.
Судскиот совет информираше дека по направените проверки во нивната архива, дошле до сознание дека таква претставка„не е воопшто заведена во електронскиот систем“.
„Оттаму зачудува паушалното тврдење на ДКСК дека претставката е загубена“, се вели во соопштението на Судскиот совет.
„Не знам како да го искоментирам реагирањето на Судскиот совет. Зошто не сме ги прашале откако сме им ја доставиле претставката, зошто не сме ги прашале дали си ја завршиле работата… Имаме доказ, имаме испратница од пошта дека сме ја пратиле. На прес конференцијата што ја имавме за Мерко ја покажавме испратницата со потпис на Судскиот совет дека е примена. Сме испратиле иницијатива за кривично гонење и до Обвинителството која никаде ја нема во овие 6 месеци, а ни одговараат дека се работи“, рече Пејовска Дојчиновска.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска претходно на прес конференција рече дека против струшкиот градоначалник е отворен предмет уште во мај 2019, но немало никаква реакција од Обвинителството.
До Судскиот совет тогаш било пријавено дека Мерко влијаел во Основниот суд Струга да му се зголеми минимумот за јавни набавки, иако немало промена на општинската сметка, односно таа и натаму била блокирана. Во 2021 година била доставена ургенција, а од Судскиот совет биле известени дека во електронската архива не бил пронајден таков предмет.