Апелацискиот суд за „Титаник“: Наместо затворска казна Јанкулоска доби условна, за Јанакиески 3,5 години затвор

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески доби пониска затворска казна од определената со првостепената пресуда, а поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е осудена условно наместо со затвор, објави порталот 360 степени.

Ваква одлука, како што пишува 360 степени, донел петчлениот совет во Апелацискиот суд Скопје за дел од обвинетите во случајот „Титаник“ кој се однесува на изборни нерегуларности.

Станува збор за пресуда на Апелација за дел од овој обемен предмет, во којшто се опфатени осум обвинети кои во февруари лани решија да признаат вина. Меѓу нив, најистакнати имиња кои се решија на ваков чекор се двајцата поранешни министри.

Јанакиески тогаш призна вина за речиси сите дела поврзани со изборни измами во случајот „Титаник“ и првостепено беше осуден на четири години и шест месеци затвор, а Апелација сега му ја намали казната на три години и шест месеци.

Тој единствено не призна вина за делото злоупотреба на средствата за финансирање на изборна кампања, но подоцна обвинителството се откажа од прогон за ова дело.

Јанкулоска, пак, призна вина и со првостепената пресуда беше осудена на затворска казна од две години и шест месеци, а Апелација сега и одреди условна казна затвор од една година и осум месеци која нема да се изврши ако во наредните пет години не стори ново кривично дело.