Скопското обвинителство поведе постапка за кривичното дело насилство против арачиновецот (69) кој му се закани на градоначалникот Ридван Ибрахими.
Уткако се случи инцидентот, арачиновецот беше приведен од полицијата, а општинската администрација тој ден ја затвори зградата и не работеше од безбедносни причини.
„Осомничениот, 69-годишен арачиновец, на 23 мај без дозвола влегол во канцеларијата на градоначалникот, насилно барајќи да му се додели земјиште во надлежност на Општина Арачиново. Откако не го нашол во канцеларијата, го пресретнал градоначалникот во дворот, започнал грубо да го навредува, да му се заканува и насилнички да се однесува“, информира обвинителството.
За да можат непречено да ја водат постапката и да обезбедат присуство на осомничениот, до Основниот кривичен суд во Скопје, обвинителството доставило предлог арачиновецот да биде задолжен да се пријавува кај државен орган дека е присутен во земјава, како и да му се определи забрана да ја посетува општинската зграда и да му се доближува и воспоставува контакти со градоначалникот.