Австриска компанија не може да наплати долг од 4,5 милиони евра од македонска фирма, а ОБВИНИТЕЛОТ Е ВО ДЛАБОК ЗИМСКИ СОН

Австриската амбасада преку допис до медиумите упати сериозни критики за македонското правосудство, барајќи да се разрешат судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршители и нотари кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија АММА ДОО, Хоенемс и валандовската фирма „Дена трејд“ за производство на корнишони.

Австрискиот амбсасадор Георг Вуцас во допис до медиумите посочува дека сопственик на фирмата „Глобал трејд“ е Емилија Заева – Костова, братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев и  сопруга на сопственикот на Дена продукт, Атанас Костов.

Австриската фирма, како што може да се прочита од писмото, имала побарување од 4,5 милиони евра од македонската фирма, а во меѓувреме и времена мерка за забрана за отуѓување на нејзиниот имот. Но, и покрај судската забрана, фирмата ја отуѓила својата сопственост, така што австриската компанија АММА не може да си го наплати долгот што всушност и го поттикнало амбасадорот да го обелодени овој скандалозен случај со јавноста.

Advertisements

Австриската амбасада најавува дека будно ќе ги следи понатамошните случувања, вклучително и сите нерешени правни барања до судовите и до јавното обвинителство.

Амбасадата во писмото објаснува дека на 7.6.2023 година, Основниот граѓански суд Скопје одобрил времена мерка во корист на AMMA Import Export GmbH (AMMA), со седиште во Хоенемс, Австрија, високо ценет индустриски снабдувач на зеленчук во регионот ЦИЕ/ЈИЕ, првенствено ангажиран во трговија на големо и дистрибуција на земјоделски производи.

„Со забраната се замрзнува недвижниот имот на Дена продукт увоз извоз Велес во сопственост и управуван од г-дин Атанас Костов од Валандово до признавање и извршување на арбитражна одлука во износ од приближно 4,5 милиони евра дадени на 3 јануари 2023 година во фер и транспарентен процес од реномиран меѓународен арбитер во корист на АММА. Не е изненадувачки, ова е привремено и мерката е обжалена“, се вели во писмото. 

Навременото делување, се вели во писмото, е од суштинско значење зашто „Дена“, од самиот почеток, со поддршка на сродни компании и нотари, презеде разни активности за да се спречи значајно извршување на побарувањата.

„Меѓу другото: најголемиот дел од својот имот го префрлиле на ГЛОБАЛ ТРЕЈД ДММ ДООЕЛ Валандово, (ГЛОБАЛ) поврзана компанија која е во сопственост на Емилија Заева-Костова, сопруга Атанас Костов и братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев; помогнале во две извршни дејствија против сопствените стакленици и имот во Валандово, при што има јасни докази дека официјалниот катастар е изманипулиран; поттикнале јавно наддавање за сопствена стаклена градина на 10 јули 2023 година во Богданци и покрај тековните граѓански дејства и кривични истраги“, вели австрискиот амбасадор Георг Вуцас и отворено прашува:

„Зошто австриски инвеститор мора да ангажира три адвокатски канцеларии и да поднесе над десетина правни документи и предлози за признавање на арбитражна одлука во Северна Македонија? Како тоа може да се манипулира со централен катастар, со еден официјален јавен регистар? Како може да продолжат овие постапки кога за овој предмет има граѓански тужби и тековни кривични истраги? Зошто надлежните институции во државата, пред се, Советот на јавни обвинители, Републичкиот јавен обвинител, Вишиот јавен обвинител во Скопје, не се активни и веднаш не истражуваат“.

Сепак, на крајот од писмото Амбасадата изразува надеж и очекувања дека правосудниот систем во Македонија ќе дејствува самостојно и правично и ќе дозволи, како што вели, „владеењето на правото да преовладува во разумна временска рамка“.

Амбасадата на Австрија во земјава и ги повикува сите одговорни медиуми  да бидат сведоци на јавната аукција во просториите на извршителот Ангел Костадиновски во Кавадарци, на 10 јули во 12  часот. На аукцијата ќе присуствува и амбасадорот Георг Вуцас, а тој ги повикува сите одговорни граѓани кои се залагаат за владеење на правото, особено државниот јавен обвинител, да му се придружат.

„Ако заложбите за борбата против корупцијата и организираниот криминал се искрени, сега е време да се обрне внимание, а не да се гледа настрана!“, вели амбасадата на Австрија во Македонија.