Бегалецот Беким Мемети е осомничен за обид за убиство – пукаше во полицаец

Скопската полиција поднесе кривична пријава против Б.М. (37) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство во обид“ и „бегство на лице лишено од слобода“, информира Министерството за внатрешни работи попладнево.

Станува збор за Беким Мемети кој на почетокот на годинава успеа да избега при спровод од болница кон затворот „Идризово“. Тој  се уште е во бегство, а полицијата даде детали како се случило бегството.

„На 12.01.2023 на автопатот „Пријателство“, додека бил вршен спровод на пријавениот, осудено лице, од Казнено-поправната установа Идризово до Комплексот клиники „Мајка Тереза“ Скопје, тој одзел службен пиштол од вработен во затворската полиција и испукал еден проектил, со кој го ранил. Притоа, службеното возило застанало, а пријавениот излегол од возилото и влегол во патничко возило „ауди“ без регистарски ознаки и заминал“ соопштија од МВР.