Поранешниот амбасадор на САД во Скопје Џес Бејли вели дека уставните измени се јасно решение за бугарското вето, но оти ќе биде разочарување ако има ново вето понатаму што ќе го закочи патот кон Европската Унија.
Бејли, во интервју за Гласот на Америка на македонски, вели дека е оптимист оти земјата ќе влезе во ЕУ, но дека не може да каже кога тоа ќе се случи.
„Мислам дека САД би биле разочарани ако се случат натамошни постапки од ваква природа. Додека поминувате низ процесот и отворате поглавја, одредени земји ќе сакаат да се уверат дека самите критериуми се исполнети, така што ќе има и други прашања на патот. И затоа мислам дека е важно секое прашање да не се гледа како нелегитимно прашање меѓу земјите-членки, бидејќи тоа е дел од процесот. Тоа ќе биде долг процес да се помине низ некои од тие поглавја, особено за владеењето на правото. Земјата ќе биде под голем надзор, тоа е јасно, како и Албанија и другите. Но, мислам дека сум оптимист. Мислам дека луѓето ќе видат дека ова ќе се случи. Но, не можам да кажам кога“, изјави Бејли.
Тој вели дека и Преспанскиот договор, како уставните измени сега, бил критикуван на почетокот, но дека веќе никој не го спори позитивниот исход од него.
Следната недела, на 17 јуни, се одбележуваат пет години од потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој државата го промени името во Северна Македонија, а следната година стана членка на НАТО.
„За жал, сега го имате ова бугарско вето за придвижување на процесот напред. Има јасно решение изнесено таму. Тоа решение не им се допаѓа на сите. Но, мислам дека пет години отсега со спроведување на уставните измени, пет години во иднина, луѓето ќе увидат дека тоа е позитивен чекор за земјата. Сфаќам дека многу луѓе се противат и сочувствувам со фрустрацијата на луѓето поради тоа“, вели Бејли.