Бислимоски поднесе оставка, осомничен е за злоупотреба во Регулаторна

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад Марко Бислимоски, денеска поднесе оставка.

Од Комисијата информираат дека Бислимоски за својата одлука го известил Собранието, но и дека согласно Законот за енергетика и статутот на РКЕ, ќе остане на функцијата се додека Собранието не донесе одлука за престанок.

Бислимоски на оваа функција беше од 2018 година, а ова му беше втор мандат.

Минатиот месец Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против него до Основното јавно обвинителство Скопје за наводна злоупотреба на службената положба и овластување во врска со лиценцирањето на компанијата „Тритерол Петрол“.

Лиценцата на компанијата требало да биде одземена во јануари 2024 година поради неисполнување на условите, а била одземена дури во април 2025 година, период во кој „Тритерол Петрол“ остварила промет од над 3,15 милиони евра, а Управата се сомнева дека е стекната противправна имотна корист од приближно 229.000 евра.

Бислимоски ги негираше обвинувањата и рече дека ги става на располагање сите информации со кои ќе докаже дека во постапката за одземање на лиценцата нема прекршување на Законот за енергетика ниту на Правилникот за лиценцирање.