Битиќи: Нема да молчам пред дискриминацијата!

Пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, реагираше на својот Фејсбук профил по денешниот говор на министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска, во Собранието, истакнувајќи дека се случи срамна дискриминација и навредлив однос кон неговата колешка, пратеничката Славјанка Петровска.

„Ова не беше само личен напад – ова беше атак врз достоинството на сите жени и врз правото на секој избран претставник да зборува без да биде понижуван“, пишува Битиќи.

Тој остро ја критикува министерката за финансии, посочувајќи дека Собранието не е приватен клуб во кој министрите и министерките одлучуваат кој заслужува почит, а кој не.

Advertisements

„Почитта не е привилегија што ја доделува еден функционер, туку темелна демократска вредност. Министерката за финансии денес покажа ароганција и непочитување кон институцијата во која беше дојдена да одговара, а не да дели оценки за пратеници и пратенички“, истакнува пратеникот.

Во својата реакција, Битиќи нагласува дека личниот или професионалниот статус на една жена не може да биде критериум за тоа дали таа има право да зборува за реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

„Ако некоја жена не е мајка, тоа не значи дека не знае колку е тешко да се преживее во оваа земја. Ако некоја жена не е министерка, тоа не значи дека не знае како изгледа животот со ниски плати, зголемени трошоци и социјална неправда. Никој нема право да замолчува друг само затоа што не му се допаѓа тоа што слуша“, додава Битиќи.

Пратеникот истакна дека нема да молчи пред дискриминацијата и дека нема да дозволи ароганцијата, понижувањето и дискриминацијата да станат норма во Собранието.

„Ќе зборувам, ќе се борам, ќе ме слушаат – затоа што Собранието не е ничија приватна сцена, туку демократска институција што им припаѓа на сите, без разлика на различностите!“, порачува Битиќи, притоа објавувајќи и видео од неговата реакција од собраниската говорница.