Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на Русија кој е присутен на Самитот на ОБСЕ во Скопје изјави дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен, а не тој, го избегнал состанокот со него.
„Блинкен го избегна состанокот, но јас еве сум тука, него не го гледам. Денеска госпоѓа Захарова ми покажа две различни фотографии објавени во македонските весници. Првата беше од вечерата, кога сите пристигнуваа на вечера, направиле фотографии за да објават во весници дека сите дошле освен Лавров…Останатите весници прикажаа фотографии од утринското отворање, каде што бев присутен со сите мои колеги, но немаше украински министер, ниту претставници од балтичките држави. Секретарот Блинкен и Борел си заминаа. Зошто го направија тоа? Тие се кукавици, се плашат од отворен разговор поткрепен со факти. Мислам дека сакаа да ја нагласат нивната намера да ја изолираат Русија“, изјави Лавров.
Блинкен присустуваше на неформалната вечера на лидерите, која се одржа во средата, но не беше тука на официјалното отворање на Министерскиот состанок, на кој САД се претставени од помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан.