Советникот на Левица, Никола Лазревски достави до Советот на Општина Куманово иницијатива во која бара бранителите, учесници во воениот конфликт од 2001 година, кои се жители од овој град да добијат ослободување или намалување на сите давачки кон општината, пренесе Kumanovonews.
Оние кои во 2001 храбро се бореа за зачувување на интегритетот и суверенитетот на државата, сега се заборавени. Сепак, во рацете на општинските власти е можноста за пружање помош и благодарност на оние кои по цена на својот живот застанаа на браникот на татковината, велат од партијата.
Левица информира дека иницијатива треба да се најде на дневен ред на наредната седница, па очекуваат да добие поддршка од останатите советнички групи, бидејќи со тоа ќе се изрази благодарност кон семејствата на бранителите.
„Поднесената иницијатива се состои од oслободување од плаќање месечен надомест за топол оброк (целодневна настава и дневен престој) во основните општински училишта од територија на Општина Куманово, ослободување од плаќање надомест за ужинка и екскурзии во општинските основни училишта, ослободување од плаќање месечен надомест за посетување јавни установи, општински детски градинки, ослободување или процентуално намалување на давачки (данок) кон Општина Куманово и ослободување од надомест на градски паркинг“,се вели во соопштението на Левица.