Бугарија го уверила Ескобар дека нема да има нови услови за Македонија – Гласот на Америка

Имав разговори со моите бугарски колеги и тие ме уверија дека немаат намера да додадат повеќе услови. Тие би сакале да видат напредок на патоказот што веќе е таму,  вели заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан Габриел Ескобар, во телефонско интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.

„И сакаме да бидеме сигурни дека можеме да работиме со сите страни за да осигураме дека тие услови се исполнети. Но, тоа треба да биде, да остане засновано на факти и вкоренето во постоечките обврски, за да осигураме дека Северна Македонија ќе може да се движи напред во пристапниот процес“, одговори Ескобар.

На прашање на гласот на Америка дали тоа значи дека нема да има ново вето ако другите услови се исполнат?, Ескобар одговара:

Advertisements

„Јас тоа така го протолкував“

На прашањето дали САД се загрижени ако уставните измени бидат изгласани на сметка на поткопување на владеење на правото и правдата, со оглед на тоа што некои медиумски извештаи сугерираа оти намалувањето на затворските казни за функционерите било направено со цел да се обезбедат гласови за уставните измени, Ескобар рече:

„Нема да шпекулирам за тоа што се случува на внатрешен план. Тоа е на луѓето на Северна Македонија да го одлучат. Сакам да бидам многу јасен дека нашиот став е дека секоја земја што влегува во Европската Унија е попросперитетна, подемократска и постабилна, поради посветеноста на вредностите и посветеноста на владеењето на правото. А оние реформи што се потребни за членство во ЕУ треба да се одржат, тие треба да бидат целта кон која се стреми Северна Македонија, а не за домашна политичка добивка на која било од страните. Ние ќе продолжиме да стоиме покрај оние луѓе кои сакаат реформи и кои сакаат да ги исполнат европските барања“.

Ескобар, исто така, рече дека нема информации за можни преговори и пазарење за уставните измени меѓу владата и избеганиот поранешен премиер Никола Груевски, како што изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за германскиот весник ФАЦ.

Целото интервју може да го прочитате тука.