„Цел живот плаќаше придонеси, а го оставија да умре“! Кој ќе одговара? – потресно сведоштво од државна Кардиохирургија

 Блиски роднини на пациент кој како итен случај бил сместен на Клиниката за кардиологија во Скопје и кој утрово починал за порталот Глаголица посведочија потресни детали од овој трагичен случај.

Нашите соговорници тврдат дека пациентот бил итен случај, но не можел да биде опериран поради, како што велат, реновирање на операционите сали на Кардиологија, па бил препратен на клиниката „Филип Втори“, од каде што, на неговите блиски, им рекле дека е исполнета квотата за интервенции преку Фондот за здравствено осигурување и пациентот не бил хоспитализиран.

Глаголица побара одговори од надлежните во Министерството за здравство зошто не е извршена хируршка интервенција на пациентот на државната клиника, зошто се изгубило драгоцено време, па семејството морало да бара решение во приватна клиника, но до објавување на написот одговори не добивме. Нема одговор ниту на прашањето како е можно да бидат исполнети квотите за итни случаи преку Фондот за здравство и за згрижување пациенти во животнозагрозувачка состојба? Кој ќе одговара за уште еден изгубен живот?!

„Цел живот  редовно плаќаше придонеси за здравствено осигурување и кога требаше да му се помогне го оставија да умре. Тоа ми е најтешко и најболно. Нашиот роднина имаше 57 години, беше итен случај, лекарите констатираа дека му била пукната аортата, требаше итно да го оперираат, наместо тоа го препратија на Клиниката „Филип Втори“, сведочи скопјанецот Ацо Николовски.

Кога семејството на пациентот кој во тешка здравствена состојба останал на државната Кардиологија, се обратиле на Клиниката „Филип Втори“, надевајќи се дека ќе постапат како што им било препорачано од лекарите на државната клиника и дека пациентот ќе биде опериран, добиле одговор дека квотата за интервенција што би ја покрила државата преку Фондот за здравствено осигурување е исполнета.

„Откако го донесле во државна кардиохирургија, наводно поради реновирање на салите за операција, пациентот го препраќаат во „Филип Втори“ со наодите, наводно имале договор преку Фондот. Таму не ги примаат со изговор дека квотата преку фондот е надмината и треба да се чека до јуни. Им рекле дека приватно може да се оперира, ама за тоа треба илјадници евра. Замислете, пациентот е итен случај, со пукната аорта и никој ништо не презема, го оставија човекот тивко да си умре“, вели Николовски.

Тој раскажа и што се случувало на Клиниката за кардихирургија кога најблиските на пациентот се обидувале да најдат помош.

„Фамилијата на најгруб можен начин беше избркана од државна, за ова имаме и снимени видеа. Министерот за здравство и премиерот треба да го видат тоа, нека не побараат, некој мора да одговара“, вели Николовски кој овој потресен случај го сподели и на социјалните мрежи.

Тој очекува одговорност од сите кои не постапиле според Хипократовата заклетва, а можеле да спасат живот.

„Цел живот да плаќаш придонеси и на крај да те остават така да си умреш. Тоа не ни по Библија ни по Куран, а ни по закон. И да немаше осигурање пак требаше да му пружат помош, а имаше 35 години плаќано придонес кон оваа наша држава, 35 години некој доктор земал плата од него и го оставија така ОВА ЛИ Е ЗДРАСТВО?“, вели Николовски.

Е.М.