„Чебрен“ останува македонски проект, ќе има ревизија и одговорност за сите што се обидоа да го подарат на Грците – реакција на Левица

Грчката компанија „Архиродон“ не ја продолжи банкарската гаранција со која требаше да потврди дека ќе продолжи со постапката за изградба на реверизибилната хидроцентрала „Чебрен“. Со ова „Чебрен“ останува да биде македонски проект. На овој начин електро енерегетскиот систем на Македонија е спасен од шестдецениското ропство кое ни го спремаше ненародната и пред сé клептоолигархиска власт на ДУИ и нивниот помал коалициски партнер СДС, се вели во реакцијата на Левица.

„Корумпираната влада на СДС и ДУИ предвидуваше Чебрен да го гради грчката компанија која 60 години ќе стопанисува со Чебрен и на подарок ќе го добие ХЕЦ Тиквеш. По принципот молчењето е одобрување математички прецизно, ДПМНЕ збор не изусти против намерата на СДС и ДУИ да го втурнат електро енерегетскиот ситем во ропство. ДПМНЕ, со своите 44 пратеници, можеше, но не застана позади енергетската заедница и стручната јавност на Македонија која остро се спротиставуваше на раскрчмувањето на електро-енергетскиот систем“, се вели во партиската реакција.

Левица, како што се вели во соопштението, е единствената политичка партија која во континуитет ја подржуваше стручната фела во намерата да се спаси природното богатство на Црна река и да се зачува суверенитетот на енергетските ресурси на Македонија.
Стручното и аргументирано дејствување на Левица и Здружението на инеженери на Македонија доведе до голема народна победа со тоа што Чебрен ќе остане македонски проект.

Advertisements

ХЕЦ Чебрен може и мора да го гради Македонија со сопствени средства. Левица во својата програма потенцира дека еден од услувите за влез во влада е ХЕЦ Чебрен да биде целосно македонски проект. По преземањето на власт Левица ќе направи целосна ревизија на работењето на ЕСМ, вклучувајќи го и обидот за подарување на Чебрен и Тиквеш на грчката компанија. Одговорност мора да има.