Чулев: Спасовски ги брка криминалците преку социјалните мрежи, 24 часа нема одговор кој пукаше во „Ист гејт“

Поренешниот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев на својата Фејсбук страница објави статус во кој вели дека од полиција со кредибилитет, Министерството за внатрешни работи станало институција која криминалците ги бара преку социјалните мрежи.

Овој негов коментар доаѓа по вчерашниот инцидент во трговскиот центар „Ист гејт“.

„Од полиција со меѓународен кредибилитет и реноме, станавме институција која криминалците и осомничени за убиство ги брка преку социјалните мрежи.

Advertisements

Скоро 24 часа по вчерашниот настан во Скопје и покрај фотографијата од безбедносните камери, Министерството за внатрешни работи се уште нема одговор за тоа кој пукаше во две лица во шопинг центар во централното градско подрачје.

Оливер Спасовски и раководството на МВР, кој до вчера не убедуваа дека полицијата расчистила со криминалните групи од Грчец, Арачиново и Чаир, веројатно после 7 години, сé уште нe сфатија дека борбата со криминалот и намалување на стапката на криминалитет не е статистичка работа и не се прави преку телевизија и социјални мрежи.

Борбата со криминалот и со криминалните групи, не е политичка кампања, сликање за социјалните мрежи и кампања за претседателски избори.

Вчерашниот и низата настани кои се случија во изминатиот период, претставува сериозно нарушување на јавната безбедност, од проста причина што тие се случија во центарот на Скопје и во објекти со 24 часовно обезбедување. И тие со причина предизвикаа сериозна загриженост и паника кај граѓаните. Затоа што вчера и во сите настани претходно, многу лесно можеше било кој од нас, било кое дете или случаен минувач да бидат жртва или повреден, затоа што тие се случија на места со голема фреквенција на народ и раздвиженост.

Во Министерството за внатрешни работи, работат сериозни и докажани професионалци, со дигнитет и познавање во работата. Редно време е да ја тргнеме политиката на страна да покажеме грижа за државата и граѓаните и нивната безбедност.

Неопходно е Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедноста да ги стави на располагање сите свои ресурси и да преземе мерки и активност за расчистување на вчерашниот настан и настаните претходно и враќање на сигурноста на граѓаните и безбедноста на државата, вели Чулев.