„Антиевропски“ и виновна што Тирана сè уште не може да ги започне преговорите со ЕУ. Вака албанскиот премиер Еди Рама ја опиша Бугарија на Минхенската безбедносна конференција викендов, пренесуваат бугарски медиуми.
„Пристапувањето на Албанија во ЕУ е блокирано поради несогласувањата меѓу Северна Македонија и Бугарија. Користењето на вашето место во ЕУ како лост против соседите е најантиевропското нешто што може да се замисли“, се пожали Рама.
Ова не е првпат Рама да ја нападне Бугарија. Во август минатата година, тој ја спореди бугарската политика кон Македонија со руската агресија врз Украина.
Бугарските медиуми тврдат дека тоа што Албанија се уште не може да ги започне преговорите, нема врска со спорот меѓу Софија и Скопје, туку е затоа што беше блокирана од Грција на крајот на 2023. Причината е спор меѓу двете земји од мај годинава. поради уапсениот етнички Грк кандидат за градоначалник во Албанија Фреди Белери.
„ЕУ им дозволува на своите членки да го користат своето место во блокот како потпора против своите соседи. Ова е најантиевропското нешто што може да се замисли“, коментира Рама во Минхен.
Но, на прашањето дали неговата земја ќе има проблеми со Грција на патот кон ЕУ, тој саркастично одговори:
„Проблеми? Не, ние ја сакаме Грција. Не дојдов во Минхен да ги вознемирувам моите грчки пријатели. Сакаат да ме видат, да го слушнат мојот глас кога ќе кажам нешто, но вие не можете да не скарате“, додаде тој.