Kрстот е симбол на христијанската вера и истиот не треба да биде јаболко на раздорот во нашето општество, законот треба да се почитува, но не селективно, велат од Црковниот одбор на манастирот „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка за „Слободен печат“, додавајќи дека на вакавско место најприродно е да има крст.
Оваа реакција следува откако поставувањето на крстот во кругот на манастирот се исполитизира од некои политички партии кои го злоупотребија овој чин во предизборни цели.
Според Црковниот одбор крстот на Попова Шапка е поставен на барање на верниците и според Законот за градење не е објект туку урбана опрема, за која не треба дозвола за градба туку решение за поставување, чија законска рамка ниту верските објекти ниту државните институции не ја почитуваат.
Архитектот Богосав Божиновски, член на црковнит одбор на манастирот вели дека според Законот за градење, па дури и за контејнер за отпад треба да имаш дозвола за поставување, тоа кај нас не се почитува, не само низ Попова Шапка туку и низ градовите, тоа е пракса, а не закон -најголем дел од таа урбана опрема да биде поставена без решение за поставување.
„Не знам зошто толку се дигна врева за Попова Шапка. Не е подигнат крстот како некои други објекти на државно земјиште, тој е подигнат во дворот на манастирот.Тука нема политика и ништо друго од тоа што го слушаме од реакциите на политичките партии. Чисто тоа е иницијатива на верници“, вели архитектот Божиновски.
Тој потенцира дека топката се префрла на национална основа Албанци, Македонци. Секој верски објект припаѓа на верниците без разлика на нивната национална припадност, додава архитектот.
„Има Македонци православни, Албанци па и Турци православни. Сите тензии да се спуштат и да се размисли со ладна глава, нема потреба од подигање на тензии на национална основа. Јас знам дека сега сето ова се користи во предизборие, свесни се и граѓаните иако политичарите се обидуваат да го искористат ова“, вели Божиновски.