Градоначалничката Данела Арсовска ја разреши вчера од функција директорката на ЈП „Комунална хигиена“ Косана Мазнева-Николиќ.
Мазнева-Николиќ потврди дека е разрешена од функцијата, но не знае зошто.
„Точно е, разрешена сум од функцијата директорка на претпријатието. За причините зошто сум разрешена треба да одговорат надлежните во Градот кои ги носат одлуките. Не станува збор за мое повлекување, ниту сум побарала да заминам од претпријатието. Напротив, цел овој изминат период напорно работев за подобрување на состојбите и условите за работа на работниците“, изјави Мазнева-Николиќ за СДК.мк.
Разрешувањето на Мазнева дојде еден ден по првата средба на Данела Арсовска со претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Голем број вработени Албанци во „Комунална хигиена“ во Скопје за скопскиот портал на албански јазик Лидери.мк изјавија дека преку свои претставници неколкупати му се пожалиле на првиот човек на ДУИ за „лошото однесување“ на директорката Мазнева кон нив. Затоа, тие претпоставуваат дека можеби Ахмети побарал од Арсовска да ја разреши Мазнева, во време кога ДУИ продолжува да ги подобрува односите со градоначалничката на Скопје.
Од друга страна, градоначалничката Данела Арсовска вели дека ја разрешила директорката на ЈП „Комунална хигиена“ Косана Мазнева-Николиќ затоа што не е задоволна од нејзината работа и не била реализирала програма „За модерно Скопје“.
„Јас како градоначалничка кажав дека не е загарантирана ниту една позиција доколку не се реализира програмата на Град Скопје и она е тоа што го правиме во моментов. Даваме шанса на некој којшто веруваме дека во следниот шестмесечен период ќе ги реализира нашите програми“, рече Арсовска одговарајќи на новинарско прашање.