Дали некој во Владата направи пресметка како државата ќе ги собира парите за коридорите? – Максим Димитриевски

Македонија е потребно да гради патишта и патна инфраструктура, да се вмрежува и поврзува со меѓународни коридори во рамките на нашата поставеност на Балканот, но тоа да не биде реализирано на еден ваков криминоген начин, бидејќи самиот коридор доби од страна на неколку политички лидери особено од страна на Али Ахмети еден наратив којшто самиот го дефинираше како национален наратив на релација Приштина-Тирана-Скопје, изјави градоначалникот Максим Димитриевски во интервју за австралиската емисија „Македонски корени“.

„И тогаш јас гласно го поставив прашањето зошто доколку истиот коридор е национален според него, а во меѓувреме се обидуваме да градиме концепт за мултиетничко општество во државата едноставно би плаќале сите. Не добив одговор до ден денеска на тоа прашање, ниту пак очекувам дека ќе го добијам бидејќи агендата на тој политички субјект којшто го претставува господинот Ахмети во континуитет, иако се залага за градење на мултиетничко општество, сепак е таа политичка чиста национална агенда којашто од ден на ден создава се поголеми фрустрации во општеството особено кај нас Македонците“, вели Димитриевски.

Кумановскиот градоначалник оценува дека овој коридор доаѓа во еден суштински момент кој стратешки и тоа како е важен за нашите НАТО партнери, но од друга страна остава многу сомнежи.

Advertisements

„Истиот коридор е преценет во делот на проценките и да биде загриженоста уште поголема истиот договор за изградба на самиот коридор е скриен од очите на јавноста. Па, се поставува јавно прашањето, дали ние како држава всушност ќе градиме нуклеарна воена база, нуклеарна централа која што треба да има класифициран предзнак под синонимот државна тајна или строго доверливо, или пак, ќе градиме еден коридор од државно значење, ширење на патна инфраструктура во која што ќе трошиме граѓански пари, а всушност нема да им кажеме на граѓаните како, на кој начин и каде ќе бидат потрошени“, рече Димитриевски.

Според него овој договор има единствена цел да испумпа огромни средства во државниот буџет, а Македонија од полуфинансиски и полузависна држава да ја трансформира во финансиски целосна зависна држава.

„Дали некој во Владата првенствено направи пресметка како и на кој начин државата ќе ги собере овие пари и ќе ги плаќа во континуитет, а притоа да не ја ремети нејзината нормална функција или нејзината одржливост. Дополнителен сомнеж внесува начинот на носење на закононите“, изјави Димитриевски.