Советникот на СДСМ во Советот на Град Скопје Гордан Шутаров денеска побара отчет за состојбата во ЈСП, па дури потоа од советниците да се бара да гласаат за субвенции.
Во Советот на Град Скопје, како што објасни, треба да се изгласаат дополнителни 20 милиони денари субвенции за ЈСП, а на претходниот реабалнс во јуни биле изгласани дополнителни 130 милиони денари субвенции.
Шутаров нагласи дека кога треба да се дадат субвенции ги советуваат да ја изгласаат одлуката, но кога треба да се дадат информации, тие информации паушално ги добиваат.
– Одлуките кои што ние ги носиме се од значење за сите граѓани на Градот Скопје. Ако можеме да носиме одлуки за субвенционирање, мораме да добиеме информација за она што го бараме. Не може да барате да субвенционираме јавно претпријатие, а да не давате информации за состојбите во тоа претпријатие, посочи Шутаров.
Советникот Шутаров нагласи дека во состојба кога има тепачка на автобуска постојка кој попрв да влезе во автобус, должни се и директорот и службите на Град Скопје да излезат со информација, да ја кажат точната состојба, фактичката состојба во ЈСП и за состојбите во јавниот сообраќаен превоз.
Тој побара што побрзо да бидат готови тие информации за да може советниците да имаат коплетна слика за она што се случува меѓу ЈСП и приватните превозници и на наредната седница да се повика претседателот на надзорниот одбор да се одговори дали се почитува одлуката за линиски превоз на патници.
– Сите овие аргуметни, треба во најбрз рок да ги добие Советот на Град Скопје за да добиеме јасна слика за тоа што поддржуваме, што субвенционираме, што се почитува, што не, и да бидеме одговорни да излеземе пред граѓаните и да им ја расветлиме ситуацијата заради тоа што се доведени до заблуда, порача од говорницата советникот на СДСМ во Советот на Град Скопје Шутаров.