Даравелски е на слобода, кривичното дело било застарено

Судечкиот совет при Кривичниот суд донесе решение со кое го запира кривичниот прогон за Драган Даравелски, поранешниот директор на Царината.

Судиите велат дека не може да му се суди повторно бидејќи има апсолутна застареност на делото за кое беше обвинет – злоупотреба на службена положба и овластувањето. Апсолутната застареност настапила на 1.12.2022 година. Пресудата со која доби седум години затвор се укинува.

„Претседателот на судечкиот совет, надвор од главен претрес, констатира дека настапила апсолутна застареност на кривичното гонење за делото сторено во периодот од 2001 до 2002 година со оглед дека во согласност со член 353 ст. 1 од КЗ, објавен во ‘Службен весник’ на 29.7.1996 година, а кој бил во важност за време на сторување на делото, ‘службеното лице што со искористување на својата службена положба или овластувањето ќе прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета (став 3), ќе се казни со затвор од 1 до 10 години’. Во согласност со член 107 ст. 1 од истиот закон, ‘кривичното гонење не може да се преземе кога ќе поминат 10 години од извршувањето на делото’, а во согласност со член 108 ст. 6 од истиот закон, ‘застареноста на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што се бара за застареност на кривичното гонење’“, велат од Кривичниот суд.

Advertisements

Против ова неправосилно решение странките имаат право на жалба пред Апелацискиот суд – Скопје“.

Даравелски неодамна излезе и од затворот „Идризово“, откако судот донесе одлука да се повтори постапката.