Демократски сојуз: Владата да даде приоритет на компетентноста при избор на директори на јавните претпријатија

„Сметаме дека раководните позиции во јавните претпријатија мора да бидат пополнети со професионалци со долгогодишно искуство, знаење и висок степен на професионалност и интегритет. Ја повикуваме Владата да ја преиспита својата одлука и да почне да применува транспарентен и мерит процес на селекција при сите именувања во јавните претпријатија“, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз, како реакција на неодамнешното назначување на поранешен келнер за нов генерален директор и претседател на Управен одбор на Македонски Железници Транспорт АД-Скопје.

Од партијата нагласуваат дека Владата мора да даде приоритет на компетентноста, стручноста и интегритетот при изборот на поединци за такви позиции.

„Политичката припадност не може и не смее да биде главен критериум при вработување или поставување на раководна позиција. Граѓаните очекуваат со јавните претпријатија да раководат врвни професионалци, одговорно и транспарентно“, посочуваат од Демократскиот сојуз.

Advertisements

Според партијата на Павле Трајанов, од суштинско значење е Владата преку поставување на носители на јавни функции да води сметка за нивната компетентност, стручност и интегритет.

„Некомпетентното раководство има негативно влијание и врз успешноста на претпријатието, а тоа има одраз и врз земјата во целина. Лошото одлучување ќе доведе и до дополнителни финансиски загуби и намалени јавни услуги. Оваа пракса прави огромна штета на угледот на претпријатието и државата во целина, а младите кадри ја напуштаат земјата. Демократски сојуз инсистира на поголема одговорност во процесот на именување и назначување на функционери, транспарентен процес и цврсти критериуми“, се вели во партиското соопштение на опозициската партија.