Православните христијани го слават Велики петок, во спомен на денот кога Исус Христос беше распнат на крстот на Голгота.
Велики петок се смета за најтажниот ден во христијанството. На овој ден не се одржува литургија, освен ако не е Благовештение.
Според преданието, Исус бил одведен од куќата на првосвештеникот Кајафа кај римскиот прокуратор Понтиј Пилат, кој го осудил да биде распнат на крстот. Гледајќи што му прават луѓето и војниците, Исус рече: „Татко, прости им зашто не знаат што прават“.
На Велики петок е строг пост, нема пеење и веселба, а од Велики четврток до Велигден (недела), кога според верувањето Исус воскреснал, црковните ѕвона не бијат бидејќи во православната црква тие се знак на радост, туку времето на богослужба и објавување на починатите се најавува со дрвено клепало.
Овој ден на христијанска жалост е последен и најважен во неделата на Страдањето за целиот христијански свет, а неговата смрт е вовед во радоста на Воскресението, што Православната црква годинава го празнува во недела.
Во православните цркви не се служат литургии на Велики петок, туку царски часови со читање на делови од Евангелието за настаните од деновите на Страдањето.