Денеска го славиме крштевањето на Исус Христос во реката Јордан – ЗА МОГУ ГОДИНИ ВОДИЦИ!

Богојавление- Водици го празнуваат православните верници уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

На овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина.

Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица)

Advertisements

Охрид и централното градско подрачје каде ќе се одржуваат главните случувања во врска со празнувањето на Богојавленскиот водосвет веќе се подготвени за да ги пречекаат верниците и гостите.

Со чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро ќе началствува Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој и ќе го положи Чесниот крст во езерските води, така што оваа година се очекува и рекорден број верници и капачи во Охрид.

Над 220 граѓани ќе се обидат да го фатат крстот што ќе биде положен во реката Вардар во Скопје, по повод празникот Богојавление-Водици. Осветувањето на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст и оваа година традиционално го организира Скопската православна епархија при МПЦ-ОА.

Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека по повод верскиот празник Водици, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода и Аеродром.

Така, во центарот на град Скопје за сообраќај ќе биде затворена улицата „Филип Втори Македонски“ на потег од крстосница со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосница со улицата „11-ти Октомври“ во двете насоки.

Во општина Кисела Вода за сообраќај ќе бидат затворени улиците „14-ти Декември“ и дел од улицата „Христо Татарчев“ до салата „Расадник“.

Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, булеварот „Партизански Одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“, потоа улицата „Ѓорче Петров“ до улицата „Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, улицата „Козле“, дел од улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.

ФОТО: Роберт Атанасовски