Поранешната министерка за правда, Рената Дескоска реагира на социјалните мрежи по извештајот на Европската комисија за Македонија и вели дека прв пат по неколку години во делот на судството се покажува дека „нема напредок“.
Како што објаснува професорката, во 2019 и 2022 имало „добар напредок“, во 2021 и 2022 следувало „одреден напредок“, за во 2023 тој да биде оценет како воопшто да го нема.
Според Дескоска, за оваа област одговорни се Министерството за правда и Судскиот совет во изминатата година и дека таа оценка е објективна. Ова, според поранешната министерка, треба да го вклучи алармот во овие две институции.
„Taa најреално зборува за нашите успеси и неуспеси, а не како ние се гледаме во огледало или како нашите претходници, следбеници или политички конкуренти не гледаат или оценуваат нас.
Јас искрено посакувам секој нареден извештај да е подобар од претходниот, или барем да покажува дека има одреден напредок, дека нема застој во реформите, дека одиме напред. За жал, тоа не е случај во делот на судството“, коментира Дескоска.
2020 година – добар напредок, 2021 година – одреден напредок, 2022 година – одреден напредок, 2023 година – нема напредок.
„Ова треба да го вклучи алармот во Министерството за правда и Судскиот совет за преиспитување на својата улога во надминување на состојбите. И барањето на решенијата не треба да биде во стилот на “префрлање на топката на одговорност”. Таа веќе падна пред нив и направи толкав кратер во кој може да се излизга целата земја.
Извештајот на ЕУ за (не)напредокот Ви ја покажа вистинската, грдата „слика на Доријан Греј”. Не вртете го погледот од неа, со тоа таа нема да исчезне.