Димитриевски вели дека засега нема договор за коалиција, одлуката ќе ја носи партиското раководство на ЗНАМ

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија сеуште нема договорено коалиција со поголемите партии во однос на гласовите за претстојните претседателски избори, изјави за МИА претседателот на партијата Максим Димитриевски, повикувајќи на масовна излезност на изборите на 8 мај.

Тој го повтори ставот од предизборниот период, дека за гласовите добиени на негово име нема морално, ниту етичко право да бара да се гласа за некој од кандидатите.

– Имаше куртоазни честитки на тие кои добија најголема поддршка, од моја страна и на професорката Давкова, па и на господинот Мицкоски. Нема договорено во овој момент ниту една коалиција. Како ќе одлучи партиското раководство на партијата, така и ќе постапиме, рече Димитриевски.

Advertisements

Барајќи ја поддршката од граѓаните за кандидатската листа на ЗНАМ посочи дека тој како личност ќе даде поддршка и за претседателските избори.

-Но притоа секако во одреден момент ќе го искажам својот став како што претходно кажав дека ќе излезам на избори и масовно повикувам да се излезе на избори и ќе го кажам својот став како јас лично како граѓанин, Максим Димитриевски ќе гласам на претстојните претседателски избори. А за парламентарните се подразбира не само што ќе гласам за ЗНАМ, туку барам и граѓанската поддршка да се даде на ЗНАМ, изјави Димитриевски од Струга.

Димитриевски барајќи ја поддршката за листата на пратеници во Изборната единица 5 на ЗНАМ предводена од Весна Бендевска, најави продолжување на патот во евроинтегративниот процес, изнаоѓање на соодветни решенија со редефинирање на преговарачката рамка, надминување на проблемите со соседна Бугарија и целосна интеграција на Македонија во ЕУ, но притоа заштита на националните македонски интереси, сопствен идентитет, јазик, самобитност, континуитет…

Тој во Струга оствари средби со граѓани во струшката чаршија, по кејот на реката Црн Дрим, како и со пензионери и други граѓани низ градските плажи од каде посочи дека приоритет на неговата партија е изработка на национална декларација, за дефинирање, како што подвлече, после 33 години на националните интереси на Македонците, но и директно работење на реален соживот.

Барајќи ја довербата од стружани на претстојните парламентарни избори тој вети анализа на целата состојба во државата, реална борба против корупцијата, со стратегија и борба против политичка корупција, која, според Димитриевски, се наоѓа во највисоките ешалони на политичките субјекти.

– Нашата програма не е како останатите. Ние во нашата програма имаме конкретни мерки коишто се реално остварливи, а таму каде што до сега имавме и се уште имаме власт, тоа е на ниво на локална самоуправа, го потврдуваме кажаното дека зборот за нас се уште е збор. Тоа значи, тоа што ќе се вети, тоа и ќе се реализира. Но ниту во еден момент, како партија во зачетоци која што се потврди на последните избори, нема да дозволиме да бидеме пион за поткусурување на сметките на големите, туку имаме намера да се стекнеме со целосната поддршка на граѓаните, и да преземеме во иднина одговорност за менаџирање на оваа држава, рече Димитриевски.