Движењето ЗНАМ – За наша Македонија вчера ги отвори просториите на Општинската организација во Гевгелија при што упатив апел до присутните да ја пренесат оваа позитивна енергија кај секој сограѓанин и да им кажат дека на македонската политичка сцена се раѓа нешто ново. Се раѓа едно движење коешто всушност е формирано за граѓаните, вели Максим Димитриевски, лидерот на новата политичка сила и кандидат за претседател на Македонија.
„До вчера граѓаните велеа сите се исти. Мора да потенцирам дека ние не сме исти. Нас не не’ спојува ниту материјален, ниту финансиски, ниту каков било друг интерес. Нас не спојува само единствениот интерес, а тоа е наша Македонија. Бидејќи ако продолжи оваа тортура којашто се случува во моментов и од едната и од другата страна, за жал ќе ни остане Македонија само на хартија, а нивните џебови дополнително полни. Затоа обичниот човек мора да се одважи на следните избори и масовно да излезе и да даде поддршка не само на ЗНАМ, туку на сите нови политички субјекти. Мора да има баланс во општеството. Мора да има баланс во политиката, во спротивно ќе ни се случува тоа што се случува во континуитет 30 години. Едните доаѓаат, другите си заминуваат и така цело време во круг, никому ништо не фали, единствено граѓанинот обичен крај со крај едвај истерува“, вели Димитриевски.
Негова цел е, како што вели, Македонија да биде управувана од владата, но контролирана од претседателот.
Во оваа трка не влегов за да се борам сам за себе си, туку рамо до рамо со обичниот граѓанин да се бориме заедно за подобра иднина и подобра перспектива.