„До 2050 нема да бидеме членка на ЕУ со оваа опозиција ако стане власт“ – Пендаровски на ТВ дуел

Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски во  дуелот на ТВ 21 истакна дека со сегашниот став на опозицијата или ако утре таа биде власт, до 2050 година нема да бидеме земја членка на Европската унија.

Пендаровски во вечерашното гостување со кандидатката за претседателка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска Давкова на ТВ21 нагласи дека имаме и други слабости детектирани од Европската комисија, но како што потенцира, проблемот со уставните измени треба да го надминеме.

– Во овој момент само овој проблем треба да го надминеме, со уставните промени. Џабе лицитираме со години, не можеме ако не го надминеме ова. Со оваа опозиција и со утрешната опозиција или власт, која ја поддржува противкандидатката, ние не можеме до крајов на веков да станеме, порача Пендаровски.

Advertisements

Актуелниот претседател потенцира дека услови за составување на влада поставува тој што ќе победи на изборите. Според него, не е добро да се поставуваат услови пред изборите да завршат.

– Условите ги поставува изборниот победник, оној кој на крајот победува и тоа е логиката, а не претходно. Не знам зошто тогаш госпоѓата прво вели дека се сигурни победници со 3:1, го знае резултатот оти ќе победат и на претседателските и на парламентарните избори пред да завршат, а условите пред избори ги поставува нејзиниот лидер Мицкоски, кој вели дајте ги гласовите за нашиот кандидат ако сакате да влезете во влада, рече Пендаровски.