Договорот на Ковачевски и Груби е скандалозен по стотина основи – Мицкоски тврди дека го има документот со „Бехтел и Енка“

Од свиркачи го добивме целиот договор, не знам дали е тој истиот, но ние ќе објавуваме во јавноста, па Владата нека демантира дали е тоа така, изјави попладнево Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО -ДПМНЕ.

„Овој договор на Ковачевски и Груби е скандалозен по стотина основи и секое излегување во јавноста по еден основ ќе објавуваме“, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во договорот, вели тој, има еден елемент кој вели дека законодавството пред кој овој договор одговара е законодавството на Англија и Велс.

Advertisements

„Внимавајте, Англија и Велс. Го анализиравме договорот и на „Актор“ и на „Синохидро“, и едниот и другиот се поврзани со законодавството на Македонија. Зошто е тоа важно? Затоа што при спор или арбитража ќе биде важно законодавството на државата во којашто се случува овој прект. За разлика од тие два проекти, важечко во овој, при евентуален спор ќе биде законодавството на Англија и Велс. Тоа е англосаксонски модел на правен систем, а ние имаме континентален, едниот со другиот се некомпатибилни и доколку утре имаме спор, а ќе имаме, бидејќи во самиот договор нема цени, од тоа што можевме да го видиме, за најмалку 30 ставки, тогаш ќе треба да се појавиме во Париз пред Меѓународната стопанска организација и да го водиме тој спор , изјави Мицкоски.

Спорно, според Мицкоски е  и тоа што, освен во клучните зборови на почетокот на Договорот никаде го нема зборот ФИДИК, меѓународниот стандард по којшто се реализираат меѓународни договори.

Мицкоски го повика претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, да покани и претставници на ВМРО-ДПМНЕ на презентацијата на договорот во Стопанската комора.

„Очекувам во текот на денешниот ден или утре да добиеме таква покана и ние како ВМРО-ДПМНЕ да можеме да го кажеме нашиот став и да го гледаме в очи Димитар Ковачевски, иако мислам дека тој нема да собере храброст да се појави, и Артан Груби, и да им кажеме каде ќе ја крадат Македонија и каде ќе го пљачкаат макдонскиот народ и граѓаните на Македонија“, рече Мицкоски.