Докторот Сашко Јовев останува да работи на Кардиологија, министерот нема намера да го преиспитува разрешувањето од директорската позиција

Министерот за здравство, Фатмир Меџити нема намера да ја преиспитува одлуката за разрешувањето од директорското место на д-р Сашко Јовев, прв човек на Клиниката за кардиологија.

Тој тоа денеска го потврди додека даваше отчет што сработил за сто дена, откако е на функцијата.

Меџити вели дека „кога министерот донесува одлука таа не се преиспитува, тоа е апсолвирано прашање, почитуваниот доктор Сашко Јовев останува да работи на Клиниката за кардихирургија и ја има целата моја поддршка“.

Advertisements

„Првпат денеска утринското кафе го испив со почитуваниот професор Јовев. Професорот ќе продолжи да работи како најдобар кадар од таа клиника заедно со другите во стручниот тим, со сите други колеги кардиохирурзи. Ќе се посвети повеќе на пациентите и на работата, а ќе ја има мојата потполна поддршка како доктор што ги извршува секојдневните дејности на Клиниката“, рече министерот Меџити, пренесе Макфакс.

На прашањето дали ќе има нов директор, министерот одговори „ќе видиме“ и најави дека ќе се труди програмата за трансплантации да добие поголем буџет.

Не зборувале дали Јовев ја прифатил неговата понуда да му биде советник.

„Не зборувавме за тоа, испивме само кафе. Почитуваниот професор е мој добар другар и мој колега и ние и по ова, ќе продолжиме да работиме во Клиничкиот центар заедно за доброто на пациентите. И како министер сега и како лекар утре и претходно како лекар, ќе соработуваме за таа цел“, рече министерот Меџити.