Доста ни е од смртоносни улици, на невидено дадоа 140 милиони денари за Цветан Димов – Зелен хуман град

Со 30 гласа ЗА Советот на Град Скопје даде 140 милиони денари за улицата Цветан Димов, иако проектот за улицата не е јавно достапен ниту го видел некој од советниците, регира Зелен хуман град на социјалните мрежи и апелира до граѓаните да бараат отчет преку советниците и да не дозволат да почне реализацијата на проектот без увид на јавноста.

Реакцијата ја пренесуваме во целост:

„Кои се фактите?

Advertisements
– 140 мил. мкд се 20% од годишниот буџет на Град Скопје за улици и патишта

– Според јавно достапни проценки (сосе експропријациите), вкупната сума за Ц. Димов може да надмине 6,5 милиони евра

– На потегот има над 100 повеќедецениски дрвја кои се во опасност да бидат отстранети

– Не постојат никакви гаранции дека со 6,5 милиони евра ќе се создаде безбедна инфраструктура за ранливите учесници во сообраќајот

Ги прашавме советниците дали практикуваат да даваат свои пари без да знаат што купуваат. Ако со своите пари не го прават тоа, зошто им е прифатливо да го прават со парите на граѓаните?!
Апелираме до сите жители на Скопје: контактирајте ги советниците за кои сте гласале, инсистирајте Советот да не дозволи работите на терен да започнат без јавноста да има увид во проектот и доволно простор за тој проект да се смени ако има потреба.
Не е решение да се запаѓа во апатија. Масовноста и притисокот секогаш имале ефект!“, порачува Зелен Хуман Град.

Здружената иницијатива реагираше и пред да биде донесена градската одлука и порачаа „доста ни е од Карангелески сценарија во овој град и смртоносни автоцентрични пустини! Зеленилото во Скопје го губиме со брзина на светлината и покрај тоа што секоја година прерано умираат над 4.000 наши сограѓани како последица од загаден воздух, а не постои статистика колку од нас прерано умираат од топлотните бранови за кои народните избраници сами ги создаваат предусловите.“