Иако односот на Бугарија кон Македонија и Македонците е исклучително нечесен и провокативен, во име на повисоката цел, интеграција во ЕУ и надминување на условениот почеток на преговорите за членство во ЕУ, Ангелов изрази поддршка за влез на Бугарите во македонскиот Устав, вели Достоинство во денешното соопштение откако Стојанче Ангелов беше повторно избран за лидер.
Ангелов, како што велат од партијата едногласно е реизбран на оваа фунакција на 4. Конгрес на Достоинство што се одржа денеска.
На Конгресот, како што се наведува во соопштението објавено на Фејсбук, покрај претседател на партијата е избран и генерален секретар и Извршен комитет, а е усвоен и нов партиски статут.
„За односот на државата кон бранителите Ангелов изрази генерално незадоволство од сите досегашни власти. Понатаму детално образложи што Достоинство досега има направено за македонските бранители и ги најави следните активности за решавање на некои од проблемите со кои се соочуваат дел од воените инвалиди или членови на семејствата на загинатите бранители. Воедно образложи каква е можноста за евентуално унапредување на правата на македонските бранители од 2001-та вклучително и евиденција на учесниците во војните при распадот на поранешна Југославија во 1991 и 1992 година“, се вели во партиското соопштение.
Во завршните зборови, се вели во соопштението, Ангелов напомена дека Достоинство на следните парламентарни избори ќе учествува во коалиција единствено доколку партијата добие добитно пратеничко место и влез во републичкото Собрание. Во спротивно најави самостоен настап на Достоинство на следните парламентарни избори, без разлика кога ќе се одржат.
На крајот на говорот тој информира дека Достоинство започна со изработка на серија документарни „Воени раскази“ во кои ќе бидат снимени сведоштва за крвави битки и настани во кои учествуваа припадници на македонските безбедносни сили, учесници во одбраната на Македонија во 2001-та.
На конгресот Ангелов беше единствен кандидат за претседател.
За генерален секретар на Достоинство е реизбран досегашниот генерален секретар на партијата, Драган Василевски.
Во Извршниот комитет, кој брои девет члена, покрај Ангелов и Василевски, избрани се Горан Здравковски, Звонко Тренчовски, д-р Страшо Глигоров, Богослав Лескаровски, Владимир Лазаров, Сашо Величковски, Зоран Китаноски.
Станува збор за поранешни, односно пензионирани полициски и армиски офицери.