На поранешниот директор на Царина, Драган Даравелски, кој беше приведен поради распишана меѓународната потерница за издржување затворска казна повторно ќе му се суди.
Тој беше осуден во отсуство на седум години казна затвор во 2007 година поради злоупотреба на службената положба и овластувања, но побегна во Србија. На 10 јануари годинава Даравелски беше уапсен на граничниот премин „Табановце”.
Еве што вели Основниот кривичен суд за повторното судење:
„ Во конкретниот случај, советот го ценел чл.3 ст.2 од втор додатен протокол на Европската конвенција за екстрадиција како и одредбата од чл.424 ст.1 од ЗКП, според која кривичната постапка во која некое лице е осудено во отсуство, а настапила можност повторно да му се суди во негово присуство ќе се повтори ако осудениот или неговиот бранител поднесе барање за повторување на постапката во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата со која е осуден во отсуство. Против ова решение добиена е жалба од ОЈО Скопје, која жалба согласно законските одредби го одложува неговото извршување и предметот е доставен на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје, од каде денеска е добиена одлука на Вторстепениот суд со која решението на Кривичниот совет се потврдува во целост. Решението во текот на денешниот ден ќе биде доставено до странките и КПУ Идризово“, велат од Основниот кривичен суд Скопје.
Откако ќе му биде врачено решението, Даравелски ќе биде ослободен.
Кривичната постапка, објаснуваат од судот, против обвинетиот Драган Даравелски не е запрена односно со конкретното решение се дозволува повторување на постапката и ќе биде оформен нов предмет кој ќе биде распределен на понатамошно постапување.
Даравелскии ќе одговара затоа што според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.