Драмата во Судски совет задава нокаут на веќе паднатото на колена судство, коментира на Фејсбук адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска во врска со разрешувањето на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.
„Ако претседателка на ова тело може да се разреши како да е претседателка на куќен совет, надвор од секоја процедура, со насилие и пуч во телото, секој судија треба да се запраша дали овој состав треба да одлучува за неговата одговорност и напредување во кариерата. И како би бил заштитен тој како судија?“, вели Јошевска Анастасовска.
Таа ги повика веднаш да излезат сите претседатели на првостепени и апелациони судови, Врховниот суд, Управниот суд, Вишиот управен суд и Здружението на судии со реакции за скандалот во Судскиот совет.