Две пратки со краставици од Албанија со пестициди биле уништени, надлежните тврдат дека зеленчукот на пазарот е безбеден

Агенцијата за храна и ветеринарство најостро ги демантира изнесените ставови на прес-конференцијата на Цветан Трипуновски од ВМРО ДПМНЕ кој денеска обвини дека власта дозволила увоз на небезбеден зеленчук со пестициди над максимално дозволените концентрации.

Документите што ги презентира Трипуновски не се тајна, напротив, тие се само уште една потврда дека државата си ја врши работата, односно дека контролите се спроведуваат, велат од Агенцијата.

„Како и досега, сè додека со лабораториски наод не се потврди безбедноста, пратките со храна, вклучително и со зеленчук, се ставаат под официјален надзор. Тие не смее и не се пуштаат во промет пред да се добие задоволителен резултат за нив. Во случај на добивање незадоволителен резултат пратката се поништува или се наредува враќање во земјата на потекло. Пратките на домати што се увезуваат од Албанија се под засилен надзор и за секоја се врши лабораториско испитување.

Advertisements

За, како што вели Трипуновски, сомнителните пратки со зеленчук со пестициди, впрочем и самиот тој изразува само сомнеж, но не и тврдење, велејќи дека зеленчукот можел да заврши на пазарите во земјата. Го повикуваме, доколку вистински располага со докази за сторен криминал за кој повикува на одговорност и бара оставки, да ги приложи до надлежните институции, а не преку прес-конференции да ја заплашува јавноста дека државата ги труе граѓаните со небезбедна храна“, нагласуваат во нивното соопштение.

Во однос на резултатот од лабораториско тестирање спроведено на Факултетот за ветеринарна медицина на, како што се вели во објава на социјалните мрежи, мостра од домат по потекло од Република Албанија кај која е утврдено зголемено присуство на пестициди, за АХВ – се работи за мостри на домати што не се официјално земени од надлежните инспекциски органи, туку од физичко лице и доставени во Факултетот. За нив нема никаков доказ за потеклото на доматите и од каде се земени мострите и затоа резултатот од страна на АХВ се смета за сомнеж.

Врз основа на ова, Агенцијата преку инспекторите веќе спроведува дополнителни, засилени контроли на местата каде што се продаваат домати од оператори што извршиле увоз од Република Албанија со цел утврдување на потеклото на доматите, односно дали станува збор за производ од увозно или од домашно производство и дали доколку се увезени, ја имаат потребната документација, која опфаќа и извршени лабораториски анализи.

Од почетокот на годинава досега, земени и лабораториски тестирани се 63 мостри од зеленчук (домати,краставици, пиперки), од кои 26 мостри само од домати. Позитивни на пестициди се само две пратки и тоа една со краставици од Албанија ( нештетно се уништени) и една пратка со пиперки по потекло од Албанија, која се уште се наоѓа по официјален надзор.

Минатата година земени вкупно 133 мостри од увозен зеленчук (краставици, пиперки, домати и други производи). Потврдени се лабораториски четири позитивни резултати на пестициди и тоа два резултати од домати увоз од Албанија, еден  позитивен резултат од јаболка и еден резултат позитивен на пестициди во пратка со компир, увоз од Белгија.

Небезбедните пратки се нештетно  уништени, а за оние по потекло од Република Албанија известени се и надлежните државни органи во земјата извозник за преземање на активности во однос на подобрување безбедноста на производите кои се извезуваат, велат од Агенцијата.