Бугарите во РСМ заслужуваат и мора да бидат заштитени, мора да направиме сè што е можно за тоа да се случи, изјави за бугарската телевизија НОВА европратеникот Ангел Џамбаски, притоа најавувајќи дека на 4 февруари ќе присуствува на одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев во Скопје.
„Претседателот на РСМ Стево Пендаровски синоќа по Советот за безбедност најави дека ќе и предложи на Владата да воведе забрана за влез во земјата на еден европратеник од Бугарија и уште неколку бугарски политичари поради постапките што ги прават во Скопје. Поводот е прославата на Гоце Делчев на 4 февруари во главниот град на Македонија. Пендаровски не го именуваше бугарскиот европратеник, но македонските медиуми пишуваа дека најверојатно мислел на европратеникот од ВМРО Ангел Џамбаски“, се вели во информацијата на бугарската телевизија.
На прашањето дали се препознава во изјавата на претседателот Пендаровски за прогласување на одредени лица за „персоона нон грата“, Џамбаски вели дека во таа реченица ги препознава сите Бугари кои се борат за правата и за интересите на Бугарите во Македонија.
Тој беше прашан и дали размилувал да оди со голема група од Бугарија на 4 февруари во Скопје:
„Не размислував да одам во РСМ, но како да одбијам таква покана – сигурно ќе одам“, рече Џамбаски.