Изнесените тврдења на Џепароски се паушални, не се поткрепени со докази, што се утврди во наведените судски постапки, се вели во соопштението од Јавното претпријатие „Нискоградба“ од Охрид, по изнесените тврдења дека поради повредите со кои се здобил, паѓајќи во отворена и необезбедена шахта на улица, треба да исплати судски трошоци во висина од 129.000 денари.
„Лицето Илија Џепароски пред судот не изнесе докази дека неговите повреди се настанати од пад во шахта, или со зборови од одлуката: „тужителот не достави докази со кои со сигурност би докажал дека предметната штета настанала од пропаѓање, односно сопнување и не достави докази дека за штетата постои вина кај тужениот“ – се вели во реакцијата на претпријатието.
Од претпријатието потсетуваат дека Џепароски минатата година поднел тужба за надомест на штета, поради тоа што пропаднал во шахта во текот на месец септември 2020 година и телесно се повредил.
„Тужителот Џепароски со оваа тужба од ЈП „Нискоградба“ побаруваше износ од 3.000.000 денари, на име нематеријална штета поради повреда на личните права“, се вели во реакцијата.
По спроведената доказна постапка, посочуваат од претпријатието, одбиено е тужбеното барање на Џепароски, а истиот бил задолжен на ЈП „Нискоградба“ да ги надомести трошоците на постапката.