Помеѓу експертите кои ќе вршат надзор на изградбата на автопатската делница Гостивар-Букојчани, ангажирано е и лице кое со средно образование градежен техничар, со успех – доволен(2), ќе треба да извршува работни обврски како инспектор, за што предвидена е нето плата од 344.844 денари, односно 5.600 евра месечно, соопштуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако се анализира документацијата од тендерот за Надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор VIII и Коридор X-d, ќе се увиди дека недостасуваат податоци за дел од експертите. Односно недостасуваат потпишани договори на дел од тие експерти со економските оператори што го имаат добиено тендерот или нивни подизведувачи“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека од другите податоци кои се достапни, наведени се имиња и презимиња на експерти, нивното образование и работно искуство.
„Така за позицијата С4. ИСПЕКТОР за објекти и конструкции од персонал за автопатска делница Гостивар-Букојчани е наведен извесен Никола Ч. Истиот е со средно образование градежен техничар со успех ДОВОЛЕН (2). За ова работно место е предвидена нето плата од 344.844 денари, односно 5.600 евра месечно. Секојдневно надзорот на изградба на патните коридори ги вади своите сомнителни аномалии на површина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија го објави и свидетелство за завршено средно образование и биографијата на предложениот експерт.