Компанијата АД Електрани на Северна Македонија (EСМ) наскоро планира да изврши порибување со јагула на Охридското езеро, обврска што оваа одговорна компанија ја извршува традиционално на секои две години, но поради пандемијата последното збогатување со подмладок на нашиот македонски бисер било направено во 2019 година, и тоа не е ништо невообичаено или скандалозно, како што пишуваат некои медиуми.
Охридското Езеро во 2016 година, како што велат нашите извори, не било порибено и тоа цели пет години, поради ЕУ регулативи за влез и излез на јагулата што во тоа време навистина се одразило врз фондот на јагулата, затоа што придобивките од тогашното порибување биле согледани дури после неколку години. Сега, ситуацијата е сосема поинаква, затоа што, како што велат надлежните, планирано е да се изврши порибување со двојно повеќе парчиња јагула.
„Порибувањето на Охридското езеро со јагула го вршиме, традиционално, на секои две години, со двојно количество на порибителен материјал. Последното порибување беше пред четри години, во 2019 година, по што следуваше период на ограничени и отежнати општествено – економски околности, предизвикани од ковид пандемијата“, велат од ЕСМ.
Од компанијата објаснуваат дека постапката за порибување на Охридското езеро со јагула се реализира според Законот за јавни набавки. Во текот на изминатите неколку години, поништена била само јавната набавка која била објавена минатата година бидејќи, како што велат од ЕСМ, не била доставена ниту една понуда.
„Одлуката за избор на економски оператор, во било која јавна набавка, ја носиме согласно Законот за јавни набавки и одредбите наведени во тендерската документација за предметната набавка. Порибувањето на Охридското езеро со јагула се врши во присуство и со одобрување на претставници од сите релевантни институции во Република Северна Македонија: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државен инспекторат за земјоделство, инспектор по рибарство, Државен инспекторат за земјоделство, официјално ветеринарно лице, претставник од мрестилиштето. Наведените институции се одговорни за утврдување на типот, количината, квалитетот и здравствената состојба на порибителниот материјал“, објаснуваат од ЕСМ .
Последното порибување со подмладок на јагула во 2019 година било извршено со европска јагула-Angulija. Тогаш во Охридското езеро биле пуштени вкупно 29. 421 парче подмладок на јагула со вкупна тежина од 865 килограми.
Јагулата била набавена според законските прописи, преку распишан тендер, во вредност од 7 милиони денари, при што се запазени сите процедури за да се обезбеди здрав и безбеден материјал за порибување на езерото. Така ќе биде и оваа година во однос на безбедноста на подмладокот јагули за порибување со оглед на тоа што, како што велат надлежните, редовно се врши проверка на лиценца и други документи, согласно законските и подзаконските регулативи, а кои ги контролира Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Од увозот на јагулата, процесот на карантин и сите пропратни испитувања, надлежноста е во рацете на МЗШВ кое, впрочем, дава дозвола за порибување“, објаснуваат одговорните од ЕСМ.
Порибувањето на најстарото езеро во Европа се спроведува од далечната 1965 година, откако со изградбата на хидроцентралите бил попречен природниот пат за мрест на јагулата до Саргаско море и повторното враќање во Охридското Езеро, па затоа државата презела обврска да дополнува со количество подмладок за да не се наруши рамнотжата на живиот свет.