Новоотворениот пункт во полициската станица „Пролет“, каде што граѓаните кои не ги замениле личните документи ќе имаат можност, без закажување да го направат тоа, почна да работи, а денеска го посети министерот Оливер Спасовски.
„Од денеска и официјално го отпочнуваме процесот на фотографирање за лични документи на граѓаните од Скопје, без претходно закажување на редовната постапка, со цел во определениот законски рок, до 12 февруари 2024 година, граѓаните да ја направат промената на личните документи со Република Северна Македонија , задолжителна обврска која што произлезе од Преспанскиот договор потпишан со Грција”, рече министерот Спасовски.
Тој вели дека пунктот ќе биде со работно време од 8 наутро до 18 часот, со можност за продолжување на работното време за уште два часа. Според проценките, дневно ќе бидат опслужувани 1.000 граѓани.
„Досега инсталиравме 10 нови работни станици каде што можат граѓаните да се сликаат за новите лични документи.Системот е тестиран и овозможува околу илјада граѓани да се сликаат дневно“, изјави Спасовски.
Спасовски вели дека ако се продолжи со оваа динамика ќе се променат личните документи до предвидениот законски рок, 12 февруари до кога треба да се заменат документите со новото име на државата.
Спасовски информираше дека на 13 и 14 ноември пред официјалното пуштање во употреба на новиот пункт за прием на барања без закажан термин биле примени околу 1000 барања и граѓаните беа задоволни од понудените промени без закажан термин.
„До овој момент на ниво на држава заменети се 1.050.000 патни исправи, 900.000 лични карти и 480.000 возачки дозволи, така што со една силна динамика го продолжуваме процесот во интерес на граѓаните навремено да ги остварат своите права и обврски.
За поздравување е тоа што граѓаните од внатрешноста на државата дури околу 80% имаат направено промена на документите со Република Северна Македонија”, истакна министерот наведувајќи ги причините за воспоставување на пунктот.
„Причина за отворање на овој нов пункт беше бројноста на населението во Скопје, како и фактот дека околу 70% од закажаните термини кои што ги имаат граѓаните резервирано преку телефонскиот број – ги откажуваат, не се појавуваат на тие термини, се презакажуваат нови термини, што создаде одлагање на целиот процес. Затоа, ние како раководство на МВР одлучивме да излеземе во пресрет на граѓаните, да создадеме можност за започнување на процедурата без закажување на редовната постапка, туку со лично појавување во салата по принципот „прв дојден прв услужен”, рече Спасовски.
Тој апелираше до граѓаните да имаат трпение и разбирање кон службениците во управните служби при остварување на својата обврска за промена на личните документи со овој забрзан систем на промена на документите, почитувајќи го редот и дисциплината во објектот.