Еве кога се очекува првиот снег и во Скопје

Македонија викендов ја очекува значителен студен и снежен бран кој според прогнозите може да донесе нова снежна покривка од 50 сантиметри до еден метар на планините и на скијачките центри. Поголема снежна покривка ќе се формира и во делови од пониските предели, вклучувајќи ги и градовите.

Метеопрогнозерот Славчо Попоски најавува снежен бран почнувајќи од петок.

Веќе од викендот, како и во почетокот на следната седмица, територијата на Македонија ќе подпадне под влијание на ладен и влажен бран од север, односно снежен бран кој ќе донесе пообилни врнежи од снег во најголем дел од Македонија. Позначителна снежна покривка би се формирала во најголем дел од Македонија, вклучувајќи ги и градовите, а на планините и на Скијачките центри постојната снежна покривка значително ќе се зголеми.

Advertisements

Сето ова ќе биде проследено со голем пад на температурите, како и со повремено засилен ветер од северен правец.

Само да напоменам, дека со овој бран, најпрвин на пониските места врнежите ќе бидат од дожд, а потоа насекаде тие полека ќе преминуваат во снег. Со овој бран, снег се очекува и во Скопје и околината, напиша Попоски на Фејсбук.

Потврда за снежниот бран доаѓа и од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Оттаму велат дека до петок времето ќе остане стабилно, но во котлините ќе има појава на магла и ниска облачност, што ќе одржи пониски температури.

„В петок попладне и за време на викендот се очекуваат повремени врнежи од дожд, кои на планините ќе преминат во снег. В недела, поради влијание на постудена воздушна маса, снежни врнежи ќе се појават и во пониските предели“, изјави дежурниот синоптичар Јулијана Фиданоска-Мишкоска.

Предупредувања за силниот студ и снег пристигнуваат и од соседните земји. Српските метеоролози исто така прогнозираат дека Балканот ќе биде зафатен од студен бран кој може значително да влијае на условите за движење.