Лимени бродски контејнери адаптирани во привремен објект 22 години претставува место каде се одвива настава за учениците од тетовското село Непроштено од прво до петто одделение во наставата по македонски јазик.
Од 2001 година наставата, како што јави МИА, по македонски јазик се одвива тука, поради тогашните чести инциденти и загрозена безбедност на учениците во подрачното училиште „Еќрем Чабеј“ на неколку стотини метри од лимениот објект. Жителите посочуваат дека тоа требало да биде времено решение, но веќе 22 години нема слух од институциите на централно и локално ниво за решение односно за изградба на нов објект од цврста градба.
Дел од родителите на децата и самите биле ученици во овој контејнер, велат во Непроштено.
-Кое време е сега, деца во 21 век да учат во контејнери. Се знае во контејнери што се складира. Внучето мое учи таму. Им студи, на зима, тоа е контејнер. Тоа не е просторија, не е како во школо. Ние бараме да се направи макар две простории школо на приземје. Да биде затворено со тврд материјал, за да можат децата да учат таму. Да учат во соодветни услови. Апелирам до Министерство за образование некој да дојде да види под какви услови учат нашите деца Македончиња. Треба и самата општина да дојде да види градоначалникот. Бараме да се направат барем две простории и да учат децата да имаат услови каде да учат, вели Вељо Томовски, жител на Непроштено.
Наставниот кадар не дозволи да се види внатрешноста на објектот, но од надворешноста се гледа дека ова е опасно место за деца. Висат искинати кабли, искршени лимени парчиња, насекаде има дупки. За да се оди во тоалет треба да се излезе надвор од улилниците и да се оди одзади објектот. И тоалетот е дотраен објект. Ништо подобро не е ни надвор од овој училишен објект. Има игралиште со кошеви, но ништо не е функционално. Таблите се искршени, а бетонската подлога е полна со дупки и купишта со насобран песок и тиња.
-Децава наши нема каде да излезат каде да играат. Вчера имаа фискултура. Играа на игралиштето. Игралиштето е полно со тиња, бактерии, и што ти не. Имаше поплави и дојде тињата. Му викам на наставникот децава, овдека ли ќе играта, ми вика нема каде да се игра фискултура. Децата играат во најмизерни услови. Никој нема да дојде. Да види и за игралиштето, да види каде децата учат, зошто детево вчера све пепел, прашина на него. Фискултура игра во тиња, во пепел. И тоа не е работа. Багер еден да се исчисти, општина Теарце, за да може да каде да играат децата, ни вели Вељо Томовски.
Мештаните посочуваат дека пред десетина години им било ветено од тогашниот министер за образование, Абудлаќим Адеми за можноста да се изгради објект со 80-тина квадрати, а само локална самоуправа треба да обезбеди фундамент спорти игралиштето. Родителите на учениците велат дека имале средби со сектор за образование при општината, посочиле за проблемите со објектот и други текови работи, како и за можноста за изградба на таков објект, но ништо не се променило.
Од Министерството за образование и наука, пак, велат дека проценките дали таму треба да се прави објект би правеле доколку тоа побараат од локалната самоуправа. Според нив тоа не е направено од страна на Општина Теарце.
ФОТО: МИА